Monday, December 15, 2008

Македонските новинари/ПР професионалци и корпоративните (правила) комуникации

Бранка загатна една тема (ПР vs. новинарство) на која Дарко се надоврза за која многу често се разговара (посебно на кафиња и онака „неофицијално“) но малкумина имаат желба да напишат нешто што ќе држи.

И нормално секој ги гледа работите од свој агол и ги решава на начин најблизок на неговиот/нејзиниот background, па затоа и јас би сакал да напишам неколку реда на оваа тема.

Имено секој премин од новинарската во корпоративната околина (барем досега во Македонија) била поради лична релација помеѓу дадениот новинар и главниот (или некој од главните луѓе) човек на компанијата со една проста цел, он ги знае колегите („ги разбира“) и ќе ги среди па макар и на другарска база. Да не речам „он знае тоа со новинарите“.

Генерално со ваквите постапки се вработува човек кој што е: личен пријател, потрчко, верен слуга, портпарол, човек од доверба, згодна женска да стои до тебе, и секако некого кој се претставува како ПР за дневно-политички потреби. Истиот тој човек после тоа замислете, треба (ако има среќа) да оформи сектор за односи со јавност или корпоративни комуникации (во зависно од тоа каква е компанијата, потребите и колку шефот знае што треба, сака или мисли дека треба да има).
Ова Марко Селаковиќ добро го опишува од 3 -тиот пасос надолу.

Поентата ми е, од старт темелите се (или подобро речено не се) поставени како што треба. Но нејсе, ќе порасне човекот, и да не знае ќе научи, ќе прочита некоја книга, ќе види како е тоа организирано во компанија слична на својата, ќе мрднат работите...

Ама, што правиме сега, се менува „директорот“ (човекот кој го донел новинарот/ПР човекот). Ова најчесто се случува во компаниите со странски капитал. Овој (бившиот новинар) тамам има амбиции да ги оправи работите ама не бива, тогаш доаѓаат до израз лошо поставените темели.

Личниот однос кој нема професионална основа (бившиот новинар се води формално како советник и сл. бидејќи „шо ќе му е титула и онака има пристап до се што му треба, он е човек од доверба за шефот“) крахира во најделикатниот момент.
Ова во другата варијанта (приватна компанија) значи фирмата нема пари за нов човек бидејќи и онака се врши работата и со еден човек.

Колку и да сака во таква ситуација „ПР професионалецот“ нема основа/можност да се одбрани. Не е член на менаџмент, нема одобрена програма за работа, нема определени KPI (Key Performance Iindicators)кои треба да ги исполни, нема...

Резултат. Доаѓа нов главен „си вработува свој ПР“ и работа оди пак од почеток. Стариот новинар/ПР или се прераспределува на друго место (и онака е советник или асистент што по правило си оди со старата гарнитура), се што е направено се трга на страна („он е од другите“) и пак приказната почнува од почеток.

Сета погорна дискусија би била непотребна, ако се постави работата како што треба од почеток.

...
Човекот одговорен за корпоративни комуникации е дел од менаџментот. Има исти права и обврски како и другите членови, има исти потреби и рапортира и менаџира процеси како и останатите. Има право да коментира и биде критикуван од колегите за својата работа. Не заборавајте тој исто така води цела секција од компанијата која може/немора да носи директен профит. Во менаџерски свет има исто значење како менаџерот за операции/одржување на пример.

Сето ова е тесно поврзано со односот на одговорниот за корпоративни комуникации со претпоставениот, поставеноста во хиерархијата во компанијата, односот со другите оддели, деликатноста на оваа професија.

Во секој случај ако нема добри темели тешко дека куќата ќе е стабилна и ќе издржи многу.

Monday, December 1, 2008

ПР натпревар за студенти

Убав пример како се гради подмладок и како се чува еснафот.

Српското здружение за односи со јавност организирало во рамките на ПР неделата (PR Week) натпревар за студенти на тема „Strateško komuniciranje u uslovima recesije“.
Интересна актуелна тема, убаво дефинирани теми...

Нормално, не е се така розово како што вика колегата на неговиот блог, ама е супер пример кој треба да се следи.

Ова во секој случај задолжително четиво за некој на кој би му паднало на ум да направи вакво или слично нешто во земјава.

Thursday, November 27, 2008

Најмоќните Канаѓанки во social media сферата

Провокација за постов беше следниот линк на кој можев да видам како луѓето ги избираат највлијателните жени во канадските social media кругови.

Паметам магазинот Форум на времето имаше 10 најпосакувани ергени, 20 највлијателни жени, медиумски магнати...

Само си направив „филм“ како би изгледало ова во Македонија.
Не дека немаме што да понудиме, туку се прашував колку се влијателни во Македонија и што би можеле да изменат овие девојки/жени.

Дали можеби имаат поддршка преку пратеници/чки кои ги изнесуваат нивните ставови во Собранието на РМ или пак под некој чуден ник со уште почуден автар, се крие тајната супер хероина која скришум од својата партија која во последно време почнува да разбира и сајбер безбедност ги искажува своите скриени ставови пред светот, бидејќи тоа не може да го стори на партискиот состанок.
:)

Шегата на страна иницијативата е супер...

Tuesday, November 25, 2008

ПР настани во Македонија

Иако за разлика од северните соседи не сме стигнати да се пофалиме дека имамe PRWeek (ПДФ фајл) и ние во Македонија имавме неколку активности на оваа тема.
Имено Априори Комуникации организираше неколку конференции PRO.PR 2007; ПР Конференција08 a го делат и промовираат регионалното списание PRO.PR кое можете овде да го симнете како ПДФ фајл.

Хуманополис (Скопски Саем) кои организираа на почетокот на годинава ПР семинар, сега го промовираат напредниот курс кој би се одржал 4-5.12.20008 а каде ќе предава Пол Судник.

На ова нема да заборавам да ја додадам LSPR Лондонската школа за Односи со Јавност.

Monday, November 24, 2008

Mac mini или MacBook pro


Деновиве имав можност како голем обожавател на Macintosh да го користам Macmini т.е смалената верзија на компјутерот, за која колешката љубезно ме праша од што ми е таа кутија (бонбони, слатки...). По извесно време поминато со мини –то, a имајќи претходно користено и Macair, Macbook, iMac сфатив една (за мене многу битна) работа поврзана со Mac, а тоа е дека искуството не е вистинско ако не ја имате целосната слика/работа (Mac: екран, тастатура, глувче).
Во тие моменти се чувствував како да сум повеќе маалски шофер на фризиран 101 отколку привилегиран корисник на компјутер.

Ова го ставив во контекст на една тема која ги мачи сите оние кои се занимаваат со Корпоративни Комуникации: Дали да се почне и да се работи пред да се обезбедат сите средства (финансиски, технички...). Дилемата е многу стара и ни малку наивна, бидејќи ако дадете се од себе ќе почне работата, ќе поминат пресовите, ама сето тоа ќе се скрши на ваш грб, а шефот ќе каже, па ете не треба клипинг, не треба посебен буџет за агенција, не треба...

Значи дали Macmini или она total experience е големо прашање од која ви зависи иднината успехот и она што се нарекува професионална кариера. Сето ова се случува додека еквилибрирате на жица помеѓу двата амбиса , премногу трошите и немате квалитетни резултати.


...

Можеби одговорот лежи некаде помеѓу, баш на таа тенка линија/жица на која достоинствено си ја работите професијата притоа однесувајќи се во исто време како сопственик и како дете во продавница со играчки.

Tuesday, November 18, 2008

Алатки за мониторинг на медиуми

Ова е тема на која многупати сакав да напишам нешто, посебно имајќи ги в предвид локалните прилики, а денес на ова ме потсети една дискусија на Linkedin. (мислам дека мора да сте логирани за да прочитате).

Имено колегите од запад имаа многу слатка дилема „Has anyone had experience working with MyPRGenie.com? I'm researching Cision, Vocus, MediaAtlas, and Burrelles. Your feedback and responses are greatly appreciated“.

Просто не знаев дали во општо вреди да пишувам пост за ова, имајќи пак ќе кажам в предвид со кој клипинг алатки се служиме во Македонија. Како што повеќето ПР професионалци (под ова подразбирам луѓе кои работат ПР во Македонија) знаат во Македонија има неколку клипинг студија (ако така може да се наречат) кои денес опстојуваат.

И пред 90ти имало клипирање(нормално за други потреби и во други формати) ама претпоставувам дека прв сериозен обид во Македонија за клипинг во форма во кој го знаеме треба да се прогласи оној на институтот Евро Балкан и неговата електронска база написи од весници од раните 90ти па наваму. Потоа се појави Пристоп па Имиџ ПР, па другите... (простете ако некого испуштив ама темата историја на ПР агенции во Македонија ја оставам за друг пост:) )

Методите се различни (ворд докумети, логирање на електронска база со веб интерфејс, ЦД…) но поразително е што наместо напред и дигитализација и посовремени методи, денес најголемите компании во Македонија претежно користат клипинг кој им е испорачан наутро на меил во огромен ворд со инсертирани слики скенови од ЗMB и мерења на квадратен сантиметар зафатнина на веста....

Многумина од компаниите се жалат дека за оваа „поевтина“ варијанта се одлучуваат бидејќи немаат доволно средства да ја платат поскапата „по електронска варијанта“.....

Самиот термин кој се употребува „клипинг“ кажува се. Нема тука мониторинг на медиуми во живо (аудио/ТВ, печат), мониторинг на веб страници, мониторинг на социјални мрежи....
Кај се софтверите за препознавање говор, препознавање текст, АI ...

А нашите колеги се прашуваа што е подобро vocus, cision, myprgenie, dna13, burrellesluce,

...
Мониторингот на медиуми е посебна проблематика на која во Македонија во иднина мора да и се посвети повеќе внимание од стандардното посветено време на „клипинг сервис“. Ова бара ресурси, свест и секако развиени медиуми и нормални односи помеѓу политиката, медиумите, агенциите, компаниите, сопствениците. За посветеното внимание таа ќе врати со податоци кои ќе во овозможи подобро да ја планирате комуникацијата на вашата компанија и ќе ви овозможи да погледнете малку понатаму позади ѕидот на комшијата.
Разгледајте ги линковите можеби ќе ви се допадне нешто можеби можете да си го дозволите.

Sunday, November 9, 2008

Блог за Корпоративни комуникации или за Односи со јавноста

Хронолошки долга ми беше дилемата за започнување на блогот и точно дефинираната област со која ќе се занимава тој. Но конечно по доста време решив дека корпоративните комуникации се темата за која ќе пишувам овде.
Најпрво бидејќи најдиректно задира во тематиката која ме интересира, а потоа бидејќи е како поим најширок/сеопфатен (вклучени се односите со јавност, мерење, планирање, спонзорства, корпоративен идентитет...).

Корпоративните комуникации како од стратегиски така и од организациски аспект на поимање на работите, се наредното ниво по односите со јавноста.

Работејќи 7 години во оваа област и јас многу често лутав и имав дилеми за тоа како точно се вика тоа што јас го работам.

Нејсе оваа дилема има и своја историска позадина (за тоа друг пат), а за разликите можете да прочитате нешто повеќе на wiki.answers.

...
Точно дефинираниот назив ни овозможува да знаеме кој точно, колку и кој дел од комуникациите го работи. Од друга страна како и за се во животот и за ова мора дај се „изедат неколку фурни леб“ и човек сам да си дојде до заклучокот.

Thursday, October 30, 2008

Животот е ПР

Претпоставувам дека скоро сите го имате гледано „Кабаре“ со Liza Minelli од каде што доаѓа и онаа "Money" со Joel Grey, што ме потсеќа на “All that Jazz”…
Не звучејќи како број 1 од Алан Форд поуката што сакам да ја извлечеме сите е дека животот е ПР сакале ние или не!

Можеби некои би кажале дека е Корпоративни Комуникации ама тоа е ако имате голема фамилија и комплицирани односи со цвеќињата.

Прашањето на постов е дали струката се вика Public relation или Corporate Communications е стара и одговорот се менува со времето.

Што имаме во Македонија Корпоративни Комуникации или Односи со Јавноста.

По мене и малку од двете ама ни фалат уште многу работи.
Од искуство можам да кажам дека од една страна луѓето на овој или на оној начин се свесни за постоењето на потребата од организација на комуникациите (најчесто разбрани како перцепција на имиџот од страна на јавноста). Во зависност од опкружувањето имаат различни претстави за тоа како треба истото да е поставено и да изгледа.

Ако е странска организација која има овде ископирана структурна поставеност, тогаш треба некој да се занимава со ПР или Корпоративни Комуникации.
Некој други мислат дека секретарката на директорот или шефот на кабинет е одговорен за пропаганда.

...
Како што се менуваат посебно компаниските системи од континентални во Про западни (Американски) , се повеќе ќе се третира прашањето преку призмата на PR&CC (Public Relations & Corporate Communication).
Европа и ние како дел од неа, не дека досега не сме имале институции кои го покривале ова поле на делување, ама системите се надживуваат со нови повлијателни, т.е ние прифаќаме нови.