Monday, December 15, 2008

Македонските новинари/ПР професионалци и корпоративните (правила) комуникации

Бранка загатна една тема (ПР vs. новинарство) на која Дарко се надоврза за која многу често се разговара (посебно на кафиња и онака „неофицијално“) но малкумина имаат желба да напишат нешто што ќе држи.

И нормално секој ги гледа работите од свој агол и ги решава на начин најблизок на неговиот/нејзиниот background, па затоа и јас би сакал да напишам неколку реда на оваа тема.

Имено секој премин од новинарската во корпоративната околина (барем досега во Македонија) била поради лична релација помеѓу дадениот новинар и главниот (или некој од главните луѓе) човек на компанијата со една проста цел, он ги знае колегите („ги разбира“) и ќе ги среди па макар и на другарска база. Да не речам „он знае тоа со новинарите“.

Генерално со ваквите постапки се вработува човек кој што е: личен пријател, потрчко, верен слуга, портпарол, човек од доверба, згодна женска да стои до тебе, и секако некого кој се претставува како ПР за дневно-политички потреби. Истиот тој човек после тоа замислете, треба (ако има среќа) да оформи сектор за односи со јавност или корпоративни комуникации (во зависно од тоа каква е компанијата, потребите и колку шефот знае што треба, сака или мисли дека треба да има).
Ова Марко Селаковиќ добро го опишува од 3 -тиот пасос надолу.

Поентата ми е, од старт темелите се (или подобро речено не се) поставени како што треба. Но нејсе, ќе порасне човекот, и да не знае ќе научи, ќе прочита некоја книга, ќе види како е тоа организирано во компанија слична на својата, ќе мрднат работите...

Ама, што правиме сега, се менува „директорот“ (човекот кој го донел новинарот/ПР човекот). Ова најчесто се случува во компаниите со странски капитал. Овој (бившиот новинар) тамам има амбиции да ги оправи работите ама не бива, тогаш доаѓаат до израз лошо поставените темели.

Личниот однос кој нема професионална основа (бившиот новинар се води формално како советник и сл. бидејќи „шо ќе му е титула и онака има пристап до се што му треба, он е човек од доверба за шефот“) крахира во најделикатниот момент.
Ова во другата варијанта (приватна компанија) значи фирмата нема пари за нов човек бидејќи и онака се врши работата и со еден човек.

Колку и да сака во таква ситуација „ПР професионалецот“ нема основа/можност да се одбрани. Не е член на менаџмент, нема одобрена програма за работа, нема определени KPI (Key Performance Iindicators)кои треба да ги исполни, нема...

Резултат. Доаѓа нов главен „си вработува свој ПР“ и работа оди пак од почеток. Стариот новинар/ПР или се прераспределува на друго место (и онака е советник или асистент што по правило си оди со старата гарнитура), се што е направено се трга на страна („он е од другите“) и пак приказната почнува од почеток.

Сета погорна дискусија би била непотребна, ако се постави работата како што треба од почеток.

...
Човекот одговорен за корпоративни комуникации е дел од менаџментот. Има исти права и обврски како и другите членови, има исти потреби и рапортира и менаџира процеси како и останатите. Има право да коментира и биде критикуван од колегите за својата работа. Не заборавајте тој исто така води цела секција од компанијата која може/немора да носи директен профит. Во менаџерски свет има исто значење како менаџерот за операции/одржување на пример.

Сето ова е тесно поврзано со односот на одговорниот за корпоративни комуникации со претпоставениот, поставеноста во хиерархијата во компанијата, односот со другите оддели, деликатноста на оваа професија.

Во секој случај ако нема добри темели тешко дека куќата ќе е стабилна и ќе издржи многу.

2 comments:

Branka Bugariska said...

Ме радува што темава е вака инспиративна :)

Убава слика си дал на она што генерално се случува во нашата пракса.

Продолжение има на: http://bugariska.crnaovca.mk/2008/12/pr-vs-novinarstvo/#comment-48

Поздрав,
Бранка

Life is PR said...

Она што го гледам и што мене ме радува, е дека барем On-line се разговара за некои од прашањата на кои допрва треба да се даде одговор и кои еснафот ќе треба да си ги регулира.

Од друга страна интересно е дека регионално (Македонија, Србија) веќе има неколку блогови на тема ПР, што ја прави целата работа пожива и поинтересна. Можеби можеме да најдеме повеќе и малку повеќе регионално да се поврземе.